Monday, January 15, 2018

Нивата одамна е продадена!

Звучи како наслов за некоја хорор серија, но всушност тоа е името на трагикомичната представа која трае од осамостојувањето на оваа држава до денес. Оваа таканаречена држава која се одржува на апарати по желба на големите сили, која на домашен план е раководена од искомплексирани, полуписмени политичари кои за власт се спремни да изгазат и по живи луѓе. Но проблемот не е во нив колку што е во обичниот-просечен македонски граѓанин кој за овие 26 години не заклучи дека "демократскиот" систем нема да не однеси никаде освен во пропаст како држава и пред се како народ. Така од тогаш до денес успеа да израсне и созрее една генерација која што не успева никако да ја надмине партиската бариера и малограѓанштина, туку напротив за ситна и безвезна функција и за некаков си успех се прикачува како крлеж за некоја од двете партии и од буквите не може да ги види зборовите. Изминатите неколку денови можевме да видиме како новата гарнитура во духот и навиките на стариот десетгодишен малодиктоторски режим едногласно гласаше за втор официјален јазик на територијата на Македонија. Ништо подобри не беа и патриотите од предходната гарнитура кои го донесоа законот за амнестија на терористите од УЧК и кога за министер за одбрана го поставија "македонскиот" генерал (дезертер) Талат Џафери. Па така овој пат на социјалните мрежи за еден ден можевме да видиме листи со имиња на пратеници, како фрчат закани, пцости, најави за протести но од сето ова како досега ништо. Изгледа дека најдобро и најбезбедно е кога се брани родината од пред компјутер па така овие "бранители" сега се зафатени со пишење на статуси за ракометот и бодрење на играчите во Словенија.

Но каде се во сето ова оние другите оние современите, напредни "шарени" македонци "ослободени" од теретот на национализмот кои пред една година ветуваа дека откако ќе дојдат овие нивните на власт ќе тече мед и млеко и дека мафијашите ќе завршат во затвор, но од сето тоа во затвор завршија само неколку изманипулирани средновечни граѓани, кои по наредба на тогашната "патриотска" партија го "бранеше" собранието од нивниот довчерашен коалиционен партнер. И пак се сведуваме на прашањето а каде се "шарените демократи" е тие односно нивните челници сега од невладини активисти скокнаа на функции во новата влада и не ги слушаме во последно време дури ни за теми како што е огромната загаденост на воздухот во поголемите градови иако пред тоа беа полни со иновации и решенија како на економски така и на политички план, сега тие истите се однесуваат како слонови во продавница за стакло. Додека пак нивните следбеници кои не добија функции и останаа со празни раце можат да продолжат да пишуваат статуси на социјалните мрежи и да се вратат на одгледување на нивните 10 мачки и вегетаријански салати. Кратко кажано не заслужуваме ништо подобро, затоа што Македонија ја доживуваме како несакан терет кој треба да го менаџираме затоа што нашата "прекрасна Југославија" ни се распадна, па сега наместо Белград по некоја одлука треба и сами да донесуваме. Ние не сме народ кој е спремен да стани и да си ја земи државата во свои раце, затоа сме и овде на дното од се и во се!

No comments:

Post a Comment