Сакале или не, треба сите ние да си признаеме дека, политичката криза во Македонија која трае веќе 1,5 година, директно или индиректно, на еден или на друг начин, се одразува на штета на сите нас кои живееме во оваа земја. Нема кај кој друг да се бара вината за беспотребното оддолговлекување на оваа криза, освен кај позицијата и опозицијата, доколку објективно расудуваме.
Имено, отткако започна оваа криза, за надминувања на истата, нам ни беа потребни 8 месеци за да се изгласа законот за формирање на Специјалното јавно обвинителство, додека траеа (а за жал и сеуште траат) партиските препукувања и власта не убедуваше дека незаконски прислушуваните разговори од аудио-снимките се дело на „стански служби“, како што тие милуваа да кажат, и дека тие се невистинити и монтирани. Но и натаму после 8 месеци од формирањето на ова вонредно обвинителство, тоа останува неуставно, бидејќи како што знаеме Јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган, па така наместо Уставниот суд, кој очигледно нема намера да се произнесе за уставноста на СЈО, како што бараат од граѓанскиот сектор, за да не наиде и на понатамошни безпотребни проблеми и оддолговлекувања најдобро ќе биде, според нас, уставноста на ова вонредно обвинителство да се потврди преку собраниски пат.
Кога сме кај изборите, кои се еден од главните услови за надминувањето на кризата, бидејќи „бомбите“ ја потврдија нелегитимноста на оваа власт на изборите во 2011, по двата датуми, од кои, едниот на 24 април, а другиот на 5 јуни, кои пропаднаа, трет датум немаме, поради сеуште непрочистениот избирачки список, што е задача на Државната изборна комисија која треба најпрофесионало и чесно да ја дозаврши. Па за таа цел, најполезно ќе биде, парламентарните избори да се одржат заедно со локалните избори во март 2017, во корист на државната каса, иако нема да донесат подобра власт.
Инаку, оваа криза нам уште повеќе ни го долови популизмот на двете најголеми македонски партии, кои наместо да изнајдат заедничко решение, и преку компромис да изнајдат решение околу оваа криза, што е суштината на секоја модерна демократија, тие своите партиски интереси ги ставија над државните, со што им нанесоа голема штета на истите, де факто потврдувајќи го протекторатскиот карактер на нашата држава. Важно е да се напомене и да се знае дека, онолку колку што на владеачката гарнитура не им одговара функционирањето на СЈО, а уште помалку формирањето на специјално одделение во рамки на Основниот суд надлежно за предметите од СЈО, со што тие би се соочиле со политичка и морална одговорност, толку и опозицијата избегнува да одговори кој и од каде им ги доставил незаконски прислушуваните разговори (во што им помогна и СЈО, ослободувајќи го главниот осомничен за тоа дело), при што кога им се поставува ова прашање, тие постојано потенцираат дека не е важно кој незаконски прислушувал, туку важна е содржината од разговорите, во што мора де се признае и успеаа, делумно. Овој факт говори дека и на двете политички партии тактички избегнуваат разумно и праведно решавање на се што произлезе од „бомбите“.
По првиот неуспешен обид на владата да издаде нова еврообрзница од 650 милиони евра поради интервенцијата на опозицијата, сепак таа успеа да не задолжи со 200 милиони помалце од првиот обид, односно 450 милиони, а парите позајмените пари ќе се трошат на подмирување на стари долгови и покривање на буџетскиот дефицит, додека за високата каматата од 5.625 вината се префрлува врз опозицијата. Во време во кое нашето стопанство е во една катастрофална состојба, половина од нашиот БДП е долг, што уште еднаш го потврдува „огромниот и до сега невиден економски раст“ на Македонија. И покрај политичко-економската криза која како што тече времето е на се поголем товар на земјата, нам ни се заканува нов бран на 2.7 милиони мигранти, двојно поголем од минатогодишниот, чиј проток ќе го овозможи турскиот претседател Ердоган, како што тој се заканува, доколку не добие финансиска помош од ЕУ. А во состојба кога границите на Унгарија и на Австрија се тотално затворени за мигранти, и земајќи ја во предвид географската местоположба на нашата земја, голема е веројатноста таа и овој пат да биде изложена на најголем удар. И повторно ние ќе го поставиме прашањето, кога при минатогодишниот притисок врз нашиот претседател од страна на ЕУ, при протокот на 1,1 милион мигранти во Европа и нивното сместување во Германија, тој прифати дека Македонија може да прими 2,000 бегалци, колкава ќе биде квотата која ќе ја прифати оваа година, при потенцијален наплив од 2,7 милиони мигранти и двојно поголем притисок?
Така, нашиот народ заведен од фразерството на нашите актуелни политичари, тој повторно ќе биде стадо овци опкружено со глутница волци, допуштајќи им на „народните“ претставници да решаваат за неговата судбина, а за последиците секој ќе ја префрлува вината врз друг и никој нема да се соочи со никаква одговорност, се разбира, на републикански, демократски начин, како што на секој земја и доликува да биде ограбена, опустошена и распарчена. И да, вреди да се искучи телевизорот, и малку да се размисли со своја глава, суштински, а не површно, визионерски, а не од денес за утре, за општ, а не за личен интерес.
И кога велиме дека само на политичарите им одогова оддолговлекувањето на кризата, како што е напишано во насловот, мислиме на пратениците од двете најголеми партии од македонскиот блок, бидејќи и онака повеќе од 3 четвртини од Македонците не размислуваат надвор од таа матрица.
No comments:
Post a Comment