Tuesday, October 11, 2016

Зошто 9-ти и 11-ти октомври не можат заедно

Со оваа објава сакаме да му дадеме до знаење на секој македонски националист, зошто не може да се празнува атентатот врз срспкиот крал Караѓорѓевиќ, извршен од страна на ВМРО, а воедно и да се празнува денот на „народното востание на македонскиот народ против „фашистичкиот“ окупатор“, и секој кој го прави истото идеолошки се демантира самиот себе си, поради тоа што прославува две историски спротивставености.

Прво, терминот „фашистички окупатор“ неадекватно се употребува за да опише власта на Третиот Рајх врз неговиот протекторат Македонија, бидејќи онаа држава која за време на Втората светска војна можеме да ја индетификува со фашизам е Италија, а не Германија. Она што управува со Третиот Рајх, како начин на владење или државна политичка идеологија е национал-социјализмот, па така ние би биле под национал-социјалистичка, а не фашистичка окупација.

Имено, по завршувањето на Првата светска војна, Вардарска Македонија е реокупирана од страна на тогаш формираното Кралство на Србите, Хрватите и Словенците, со што почнува страшен терор врз македонското население, со цел негово србизирање, а тука е колонизацијата која започнува во 1920 год. и трае сè до почетокот на Втората светска војна. За да се спречи оваа асимилација и колонизација врз Македонија, ВМРО пружи жесток отпор, и врвот на судирите помеѓу Организацијата и српската полиција и војска е во 1922-23 година. На 19-ти април, 1941 год. германските и бугарските војски навлегуваат во Вардарска Македонија. Политичките затвореници се ослободуваат. Со тоа, голем дел од дејците на веќе расформираното ВМРО се враќаат назад во Македонија и добиваат дури и државни функции.Таков е случајот со Константин Ципушев, кој по завршувањето на Првата светска војна, е уапсен од англиските окупациони војски, и е предаден на српските власти, кој му досудуваат смртна пресуда, која е заменета со 20 години затвор, од кои тој излежува 19 и излегува од затворот во 1937. По 19-ти април, 1941, се враќа во Македонија, а од 1942 год. е потпретседател на радовишкото друштво на Илинденската организација - културно-просветна организација на бегалци од Македонија во Бугарија; додека нејзин претседател е Лазар Томов, револуционер на ВМРО. Исто е и со Петар Лесев, револуционер на ВМРО, кој по 1941-та се враќа во Македонија, и е назначен за градоначалник на Кратово. Исто така, се организирале и панихиди, како на пример во чест на Тодор Александров, кои по 1944 се забранети.

Важно е тука да се спомене, бидејќи темата е поврзана, и за замената на првата генерација комунсти, со нова про-југословенска и „политички коректна“ за Белград. Така, Методија Шаторов, кој бил на чело на Покраинскиот Комитет на Комунистичката партија на Југославија за Македонија , како сектретар, кој уште пред распадот на Кралството Југославија категорично се спротивставувал на хемонистичката српска политика во Македонија, не го признал бугарското завладување на Македонија во 1941-та за окупационо, но се противел на таквата огранизациска и административна поделба во Вардраска Македонија, и барал нејзино приклучување кон партиската организација на Бугарската Комунистичка Партија во Пиринска Македонија. Дури и некои членови на ПК, како Панко Брашнаров и Страхил Гигов, земаат учество во формирањето на Бугарските акциони комитети. Во мај, 1941, како резултат на преговорите што Шарло ги води во Софија со БКП, ПК на КПЈ за Македонија, станал ПК на БКП за Македонија. Шарло исто така, ги изгонува српските членови Добривое Видиќ и Блажо Орландиќ од ПК. На 17-ти август, Методија Шаторов одржува партиско собрание во Скопје, на кое Драган Павловиќ - делегат на ЦК на КПЈ, кој пристигнал во Скопје само да присуствува на собранието - не бил поканет. На ова собрание се потврдува одлуката на ПК за Вардарска Македонија за неговото приклучување од КПЈ кон БКП. Во исто време, Лазар Колишевски, му го пренесува писмото од Јосип Броз Тито на Шарло, со кое се повикува на вооружена борба против бугарските власти, но на ова Шарло се спротивставува и го исклучува Колишевски од ПК. Овие дејствија доведуваат до големо несогласување и притисок од страна на Јосип Броз Тито и по негово настојување, по нападот на Германија врз СССР, во септември, Извршниот комитет на Коминтерната, донесува решение, со кое администрирањето на ПК за Македонија од БКП, се приклучува повторно кон КПЈ, со што Шарлов е исклучен од КПЈ, и заменет со про-југословенски настроените Мирче Ацев, Страшо Пинџур, Лазар Колишевски, Стив Наумов и Кузман Јосифовски - Питу.

Сепак, да не заборавиме дека на 22-ри август, 1941, Шарло го формира првиот скопски партизански одред, составен од 12-13 души, кој подоцна достигнува 40-тина души и презема воени дејствија против бугарската власт во септември. Ова е уште еден премолчен факт во македонската историографија, која е сеуште со преголемо комунистичко влијание, со цел славата за почетокот на отпорот да не ја сноси про-бугарски, а про-југословенски комунист, во случајов, не Шарлов, туку Колишевски.

Е сега да започнеме со првиот истрел против „окупаторот“. Имено, на 11-ти октомври Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“, кој броел 39 души, се наоѓал кај месноста Цревни Стени. Командантот на одредот - Трајко Бошкоски Тарцан им соопштил на партизаните дека: „Вечерва, точно во 10 часот ќе биде истрелан првиот востанички истрел на Бугарскиот полициски участок.“ На неговиот повик, се јавил партизанот Душко Наумовски, познат меѓу прилепчани како локален бандит и крадец. Тарцан му го врачил пиштолот на Душко, и тој со уште ноколку партизани се упатиле кон полицискиот участок. Кога тие се приближиле, неколкумина од придружбата се сокриле под мостот на суводолицата, а Душко тргнал кон участокот. Стражарот, прилепчанец, кој бил татко на три деца, кога го видел пред участокот, викнал да застане и го прашал: „Да не си ти Душко Наумовски?“ Душко на ова одговорил позитивно, па стражарот го прашал каде бил досега, и дека неговиот татко го барал цел ден, а Душко му одговорил дека бил во Варош на нижење тутун. Во тој миг од соседната кафеана излегол некој бугаркси агент, облечен во мантил. Душко го препознал агентот и тргнал кон поштата. Кога агентот се изгубил, заминувајќи по некои попречни улички, Душко се вратил и од зад грб го застрелал стражарот. Кон оганот се приклучиле и останатите партизани, а потоа го напуштиле Прилеп. За брзо време, Душко заедно со останатите партизани се вратил кај татко му, каде биле уапсени, а потоа биле префрлени во Битола, каде во Воениот суд биле осудени и префрлени во битолскиот затвор. Откако една вечер, лежејќи во затворот, го довеле Колишевски кој се претставувал како Митре - претепан, Душко му го спасил животот така што, велејќи им на стражарите дека тој ќе умре, ги убедил да го префрлат во болницата, а таму докторот им рекол на агентите дека тој ќе умре по пат, ако го земат. Па така, Душко му го спасил животот на Колишевски, и тие биле префрлени во скопскиот затвор, каде што Душко станал личен секретар на Колишевски. По „ослободувањето“, Душко заминал на курс во Белград, па кога се вратил бил вработен во внатрешни работи. Но некоја девојка од богато семејство, која водела љубов со некој полицаец со високо функција, му рекла на својот љубовник: „Ако ме сакаш, тогаш ќе го уапсиш Душко Наумовски, кој ми го зема златото.“ Така, Душко лежел осум месеци во прилепскиот затвор, по што благодарение на Коле Чашуле кој го информирал Колишевски за случајот, бил ослободен, по што ќе биде врабодатен во тукушто формираниот прилепски театар како актер, за подоцна да стане директор на битолскиот театар.

И така, од едно подмолно убиство на еден локален крадец и бандит, благодарение на 45 годишното србо-комунистичко безумие, се создаде народно востание, но како што насловот укажува, тука не сме за да докажуваме колку е неосновано 11-ти октомври да се прославува како ден на востание, туку да укажеме на тоа, колку е идеолошки контрадикторно, па дури и смешно, истовремено да се прославува црвено-црниот терор на ВМРО, чиј дејци ја делеле власта со оние против кои се дигнале оние кои ги прославувате два дена подоцна за ослободители, бидејќи по 1944, сите Македонци поврзани со идејата за Независна Македонија т.е со ВМРО, се обвинувани за „ванчомихајловизам“ и се ликвидирани, затворани, репресирани од оние кои ги славите за ослободители. Па така, сите на кои и 9-ти и 11-ти октомври им се „народни“ празници или не ја познаваат добро историјата или популизмот добро им годи, и им е полесно да замижат пред нелогичноста отколку да ја погледнат реалноста во очи, и да одлучат кој тогаш бил окупаторот, а кој либераторот?


No comments:

Post a Comment